Во општина Могила ветерот ќе се мери со ветерогенератори. Неколку годишното истражување покажа дека општината има потенцијал за нивно поставување и веќе се очекуваат понуди од заинтересираните инвеститори. Со новата инвестициска можност ќе се обезбедат еколошки, енергетски, инфраструктурни и социјални придобивки кои вклучуваат отворање на нови работни места.
Општина Могила го заврши неколку годишното истражување за обезбедување алтернативни извори на енергија, проект поддржан од Министерството за економија и во соработка со ГЕФ при Светската банка, со кој во 2012 година беше поставена опрема за мерење на потенцијалот на ветерот. Од општина Могила информираат дека мерењата на параметрите на ветерот, односно брзина, насока, температура и атмосферски притисок се вршело на три референтни точки, на мерни столбови високи до 50 метри, кои секојдневно биле испраќани до референтната база во Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје.
„Првичните резултати кои се обработуваат со еден од најсовремените програмски патеки за обработка на податоци од мерења на ветер WINDSIM покажуваат дека во општина Могила има потенцијал за поставување на ветерогенератори. Студијата за овој стратешки проект е завршена и создадени се услови за конкретна понуда до заинтересираните инвеститори. Паралелно беше реализирано и завршено истражување и од експерти од земјоделскиот факултет во Скопје кои констатираа дека доколку се изградат ветерогенератори истите нема да пречат на правецот на движење на птиците, посебно во периодот кога доаѓаат или заминуваат на југ“
Со новата инвестициска можност што ја нудат локалите власти од Могила ќе се обезбедат еколошки, енергетски, инфраструктурни и социјални придобивки кои вклучуваат отворање на нови работни места.